Драган Николиќ беше близу да приреди сензација на првиот свој меч како тренер на МЗТ Скопје. Актуелниот македонски првак по продолжение беше совладан од Цибона на гости со 87-85. Во регуларниот дел патот беше отворен кон триумфот, но наместо радост, на крајот кошаркарите си заминуваат со 11. пораз оваа сезона.
„Прво сакам да и честитам на Цибона за победата, беше малку посреќна од нас. Среќата ги прати низ цела сезона, најверојатно заслужија, еден гигант како Цибона не смее да се грижи за својот опстанок, туку да игра во поголеми натпреварувања. Сите знаете каква е ситуација е МЗТ, можевме да ја изненадиме Цибона, бевме многу близу, но се направија грешки за кои со жешка глава не можам да ги коментирам.
Го држевме мечот под контрола, но потоа ја загубивме главата, на три разлика промашивме слободно, примвиме тројка од голема далечина. Задачата беше да не примиме тројка. Во продолжението Цибона казни, додека нас две топки ни излегоа од обрачот. Посреќниот тим победи, не можам да навлегувам во анализи, туку ќе го оставам сето тоа за тренингот во Скопје.
Многу ми паѓа тешко овој пораз, бидејќи ни следи катастрофален распоред, но нема предавање, имаме цела полусезона и имаме шанса да се поправиме во АБА-лигата и да не испаднеме“, изјави тренерот на МЗТ Скопје.
Следен противник на МЗТ Скопје во АБА-лига е Црвена Звезда, која на 8.јануари гостува во Скопје.