Ванче Шиков е некогашен наш репрезентативец, еден од најдобрите стопери што сме го имале во самостојна Македонија. Кавадарчанецот во таа 2005 година како фудбалер на Ксанти имаше можност да се ракува, да се запознае и размени збор – два со Едсон Арантес до Насцименто Пеле, „Кралот“ на фудбалот кој вчера почина на 82 години откако не успеа да ја победи тешката болест.
Шиков е еден од ретките Македонци кое ете успеале да бидат во непосредна близина на Пеле, да разменат некој збор.
Инаку оваа фотографија датира од 2005 година кога Шиков беше играч на грчки Ксанти. Имено тогаш клубот за првпат избори пласман во Купот на УЕФА, а раководството на клубот го повика Пеле како специјален гостин мечот со Мидлсборо да го направи уште поспектакуларен.
Шиков за “Спортмедиа“ евоцира спомени од тој настан.
„Уф, минаа од тогаш 17 години. Вчера кога слушнав дека Пеле починал во дел од секундата ми се вратија спомените од тој ден кој никогаш нема да го заборавам. `Кралот` како и со сите играчи на Ксанти и со мене размени неколку зборови. Ми посака многу среќа на натпреварот и секако во понатамошната кариера кога ме виде колку сум млад. Тогаш имав само 20 години. За мене и тогаш и сега Пеле е неповторлив, најдобриот фудбалер во историјата. Вистински `Крал` на фудбалот. Знам дека сум еден од ретките Македонци кои имале можност да се запознаат со него, да разменат некој збор. Јас на тоа сум многу горд. Да, Пеле беше и ќе остане еден и единствен“ посочи Ванче Шиков.