Легендарниот Франц Бекенбауер, најдобриот фудбалер во историјата на Германија, некогашен капитен на селекцијата со која стана светски првак и како играч и како селектор, потоа икона на Баерн Минхен, исто така е ожалостен по смртта на Пеле, неговиот добар пријател.
Познато е дека Кајзер Франц, како го нарекуваат легендарниот некогашен стопер, едно време играше заедно со Пеле во фамозниот Космос.
Кајзер Франц, исто како и Пеле, беше отелотворение на фудбалска елеганција, чиста фудбалска душа, со победнички дух, фудбалот го имаше во малото прсте што се вели.
Тој од својот пријател, како што и доликува, се прости со пригодни зборови:
„Пеле имаше три срца – едно за фудбалот, едно за семејството и едно за сите луѓе. Тој беше човек кој играше со ѕвездите, а сепак секогаш нозете ги држеше цврсто на земја“ посочи Германецот.
Секако дека Кајзер Франц се потсети и на моментите кога со Пеле заедно играа во Космос:
„Тој период беше еден од најдобрите во мојот живот. Заедно бевме шампиони и Пеле почна да ме нарекува брат. Тоа беше неверојатна чест за мене. Фудбалот секогаш ќе биде твој, ќе бидеш со нас секогаш, ти благодарам за твојата игра, Кралу“ заклучи Кајзер Франц.