ИЗБОР НА СПОРТМЕДИА, 10 МОМЕНТИ ВО 2022: Лазаров, Пандев, ЕП ракомет во Македонија, Палермо…

258

Изминува и последниот ден од оваа 2022 година. Во изминатите 365 дена имавме бројни спортски настани, дел ги прославивме како што само ние Македонците знаеме тоа да го сториме, за дел тагувавме, дел не шокираа.

СПОРТМЕДИА одвои десет моменти кои ја одблежаа 2022 година. Со дел сите ние и тоа како се гордееме, има и таков кој не оцрни како земја.

Почнуваме од двете најголеми легенди, Кирил Лазаров и Горан Пандев. Две имиња поради кои нашата земја често пати се споменуваше ширум светот, две имиња кои ги оставаа без зборови противничките табори, две имиња кои со години беа лидери во националните тимови, гордо го вееја македонското знаме и за време на настапите со репрезентацијата, но и за време на настапите со клубовите. Но, и двајцата одлучија да стават крај на своите кариери. За разлика од Лазаров, Пандев претходно се повлече од репрезентацијата, а оваа година целосно се пензионираше.

КИРИЛ ЛАЗАРОВ – „Кралот Македонски“

По завршување на минатата сезона дојде време за да каже КРАЈ.

25 години го носеше дресот на Македонија, беше „слуга“ на својата земја, секогаш го даваше последниот атом сила, никогаш не се штедеше. Македонија беше на првото место, пред сите важни фамилијарни денови – одбираше да го носи националниот дрес, одбираше да ја води Македонија низ секоја голема бура. Стоеше исправено пред сите предизвици, никогаш не бараше изговори, од секој пораз излегуваше посилен.

Првиот официјален настап во „црвено-жолтиот“ дрес го имаше на 23.09.1998 против Белгија во „Кале“ во квалификациите за Светското првенство следната година.

Кариерата ја започна Овче Поле и Борец, таму почна да ги учи првите чекори, ги носеше дресовите на Пелистер, Загреб, Веспрем, Ал Сад, Сиудад Реал, Атлетико Мадрид, Барселона и Нант.

Стана најдобар стрелец во историјата на Лигата на шампиони, испиша рекорди на Светските и Европските првенства како играчи со намногу голови. Учесник е на седум фајнл-фор турнири со три клуба, има титулата во Лигата на шампионите. Лазаров е добитник на бројни признанија.

Делата на Лазаров е тешко да се напишат на еден лист хартија…

 

ГОРАН ПАНДЕВ – Иконата на мак-фудбалот стави крај на фантастичната кариера

По цели 23 години професионална кариера Горан Пандев одлучи и дефинитивно да стави крај. Ако во 2021 се прости од репрезентацијата, тогаш во 2022 се збогуваше и со активното играње. Без сомнение нашиот најдобар фудбалер во историјата. На клупски план освои се што можеше да се освои. Од Беласица, преку Интер, Специа, Анкона, Лацио, па пак Интер, па Наполи, Галатасарај, Џенова па се до Парма, фантастична кариера за паметење.

За репрезентацијата одигра 122 мечеви и постигна 38 голови, што е поважно ја однесе Македонија за првпат на едно големо натпреварување.

Наша фудбалска икона, а во Италија остави траен белег.

ПАЛЕРМО – за антологија: Фудбалска “експлозија“, Македонија ја шокираше Италија

Тој 24 март и мечот од полуфиналето на баражот за СП во Катар меѓу Италија и Македонија, засекогаш ќе останат во вечно сеќавање. Со голот на Трајковски во 90+2.минута четата на селекторот Благоја Милевски со 0:1 го победи среде Палермо првакот на Европа, и се пласира во финалниот бараж против Португалија.

Тоа беше настан на оваа 2022 година спортски план. Како никогаш дотогаш бевме горди на нашите „рисови“, на нашите херои, а Палермо ќе остане за антологија.

Фаќавме сеир на сите плачења на Италијанците зошто ги нема во Катар, а Македонија беше вест на денот во спортскиот свет.

Каква реклама, нешто невидено.

МАКЕДОНИЈА ДОМАЌИН НА ЕВРОПСКИ РАКОМЕТНО ЖЕНСКО СЕНИОРСКО ПРВЕНСТВО

На Македонија и се случи Европско женско ракометно првенство во сениорска конкуренција. После 14 години, во нашиот главен град повторно се играше врвен европски ракомет. РФМ одлучи да го прифати овој голем предизвик и да го донесе Европското првенство, а со тоа да го исполни сонот на младите репрезентативки – да ги бранат боите на својата земја на едно големо натпреварување.

Во СЦ „Борис Трајковски“ дојде актуелниот олимписки првак, Франција, видовме на дело имиња како Холандија, Романија, Црна Гора, Шпанија и Германија.

РФМ го положи тестот, организацијата беше беспрекорна за разлика од Црна Гора и Словенија, може слободно да се гордее.

 

РК ВАРДАР 1961 ИСФРЛЕН ОД ЛИГАТА НА ШАМПИОНИ

Тимот кој од 2017 година па наваму внесе посебни емоции во ракометот, шокантно пред самиот старт на оваа сезона остана без право на настап. ЕХФ донесе одлука да го исфрли двократниот освојувач на титулата на Лигата на шампиони поради неподмирени долгови кон поранешните членови.

Она што повеќе плаши е прашањето дали и под кој услови Вардар 1961 може да се врати назад. Македонија следната сезона ќе има место во ЛШ, но покрај освојувањето на титулата, Вардар ќе мора да покаже чиста сметка со поранешните играчи и тренери.

ЗЛАТНАТА ОЛИВЕРА НАКОВСКА – БИКОВА

Оливера Наковска Бикова го освои златниот медал на Светското првенство во стрелаштво во Ал Аин (Обединети Арапски Емирати). Таа беше најдобра во дисциплината П4-пиштол во слободен избор. Во март годинава нашата параолимпијка го освои и златниот медал на Европското парапрвенство во стрелаштво, во Хамар, Норвешка, во дисциплината воздушен пиштол од 10 метри.

ЕМИЛ РАЈКОВИЌ – трансфер од соништата во ЦСКА Москва

Македонската кошарка во последно време има малку причини за да се радува. Оние убави денови исполнети со успешни приказни веќе се ретки. Едно од имињата кои не израдува во оваа 2022 година, но и со години наназад е Емил Рајковиќ.

Македонскиот стратег го направи најголемиот трансфер во историјата на македонската кошарка, па и општо – стана тренер на ЦСКА Москва. Рускиот гигант на својата клупа го сакаше Рајковиќ. И не погреши, македонскиот тренер веќе испиша историја, ја има најдолгата серија на победи како предводник на ЦСКА, но и го израмни рекордот во ВТБ-лигата, 18 победи во исто толку одиграни натпревари.

КАЛИН ИВАНОВСКИ – име кое ветува иднина во мак-тенис

На македонската тениска сцена се појави светла иднина и тоа во името на Калин Ивановски. Најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски запиша историски скок од дури 69 позиции на АТП-листата за да дојде до својот најдобар ранкинг досега во кариерата, на 541-то место.

Тој оваа година освои три пехари, ИТФ фјучерсот во Мадрид, Хеаклон (Грција) и Монастир (Турција).

ВЛАДИМИР ЕГОРОВ – Злато на ЕП

Во март од Будимпешта ни пристигна супер вест. Борачот Владимир Егоров го освои златниот медал на ЕП. Русинот кој се натпреварува за Македонија беше прв во категоријата до 57 кг. Фантастичен успех за Македонија, еден од најголемите во поново време на спортски план. Егоров беше избран и за спортист на Македонија за 2022 година токму поради овој златен медал од Будимпешта.

ДЕНИСТ ТОТ

Од оние моменти кои се најцрни е згаснувањето на животот на Денис Тот. Хрватскиот ракометар и член на Бутел Скопје почина на 27 години, откако беше претепан до смрт пред скопска дискотека. Овој настан силно оддекна во цела Европа, на социјалните мрежи излезе и видео од кобната ноќ пред скопската дискотека. Неговата смрт ја потресе целата земја.

ПретходноШто ли гледаа судиите? Миротиќ постигна нерегуларна тројка (ВИДЕО)
СледноДедо Мраз од „Маџарска“ или второлигаш од Маџари