Интервју со Кирил Лазаров: Во Македонија ретко кој гледа реално на работите, откако ќе изгубиме нешто тогаш се освестуваме!

2805

✍️ Марија Ковачева


📌Сите победи со македонската 🇲🇰 репрезентација и нашата „Фаланга“ која секогаш и секаде не бодреше и во ПОБЕДИ и во порази, се незаборавни 🇲🇰

📌Задоволство ми е што имам шанса да работам со млади играчи, поготово во својата држава и тоа во еден сериозен и квалитетен проект.  Храбро знам да носам одлуки, па тоа го сторив и сега.

📌И со Алкалоид и со македонската репрезентација, ако сака некој да не победи ќе треба добро да се намачи.


Кирил Лазаров, име кое во македонскиот спорт е запишано со златни букви. Еден од најголемите македонски амбасадори зад себе остава година која никој од спортските вљубеници не сакаше да дојде, но беше неизбежно. „Кралот Лазаров“, епитет кој често пати е присутен во европските и светските медиуми, одлучи да стави крај на својата богата кариера.

Делата на Лазаров за Македонија тешко можат да се опишат во една реченица, во една страница или пак во една книга. Тој е инспирација за најмладите, но и за постарите генерации, бидејќи е роден победник.

Со својата професионалност и посветеност успеа да ги стопи и тврдите срца на  Французите. Важат за народ кој ретко кога го почитуваат странското, се држат до своето.

Но, ова правило не важеше за нашиот Кире. Нант му приреди величенствен сепктал на последниот меч пред домашната публика, налик на големите „кралеви“.  Едноставно – Нант му се поклони на Лазаров.

По завршување на играчката кариера, македонската гол – машина сето свое искуство одлучи несебично да го сподели во својата родна земја. Се одлучи за храбар чекор. Покрај тоа што стана селектор, тој застана на чело на тимот на Алкалоид, нов голем предизвик. Одлучи да работи со млади играчи, да создава иднина во македонскиот ракомет, сака Македонија да има нови имиња кои ќе ја радуваат нацијата, сака Македонците да уживаат во уникатната доза среќа која ја нуди само спортот.

За годината што изминува, за Лазаров како и претходно со задоволство прифати за СПОРТМЕДИА да сподели моменти од играчките денови, но и почетокот во тренерските води.

❄️🎄Изминува една посебна година за тебе. Одлучи да ставиш крај на играчката кариера. Колку беше тешко да се донесе таа одлука?

„Никогаш полесно во кариерата и во животот немам донесено одлука како сега. Едноставно во последните неколку години уживав во спортот и во ракометот. Немав никаков притисок ниту од клубот, ниту од публиката, но сепак го давав максимумот за тимот во четвртата деценија од животот играјќи ракомет на највосоко ниво“.

❄️🎄Нант ти приреди кралска вечер. Французите обично важат за поладни луѓе кога станува збор за странците, но ти успеа да ги стопиш нивните срца. Очекуваше ли такво изненадување?

„Во годините поминати во Нант стекнавме заедничка доверба со клубот. Млад клуб со голема амбиција и совршена организација на функционирање. Очекував да ме испратат достојно, но не во таа мера како што го направија. Не знаев ниту 10% од сценариото. Бев изнанаден позитивно, дури не ми се ни веруваше.

Странските играчи/интернационалците посебно во Франција се под посебна лупа во текот на натпреварите во сезоните и беше чудно да се одлучат да приредат такво нешто на странец. Цел живот ќе го паметам тој момент“.

❄️🎄Твојата богата кариера е исполнета со голем број успеси, можеш ли да издвоиш меч, момент или победа кои нема да го заборавиш?

„Секогаш е тешко да се одговори на вакво прашање, особено после многу години минати на теренот, многу натпревари во националниот дрес и на клупски план. Моментите на сите победи со македонската репрезентација и нашата Фаланга која секогаш и секаде не бодреше во ПОБЕДА и во порази се незаборавни.

Атмосферата и учеството на седум фајнл-фор турнири со три различни клуба (Сиудад Реал, Барселона и Нант) исто така би ги издвоил. Посебно задоволство и во сеќавање ми се СП 2009, како и ЕП 2012 и ЕП 2018 во Србија односно Хрватска. Таму натпреварите и атмосферата беше незаборавна благодарение на нашите фанови“.

❄️🎄Кој пораз ти падна најтешко (клупски или репрезентативен)?

„Најтежок клупски пораз дефинитивно е во 2014 година во полуфиналето на фајнл-фор против Фленсбург, до 56-та минута водевме со пет голови и бевме на чекор до финале, но на крајот го изгубиме натпреварот по изведување на седмерци после двете продолженија. Со македонската репрезентација без конкуренција е поразот од Данска во последната секунда на ЕП 2012 во Србија“.

❄️🎄Како го минуваше процесот на трансформација од лидер на терен до тренер на Алкалоид и македонската ракометна репрезентација? Дали на момент ти доаѓа да влезеш на терен?

„Пополека се навикнувам на новата улога. Свесен сум дека веке не можам да помогнам на теренот. Очекував дека ќе ми треба повеќе време, но се адаптирав брзо“.

❄️🎄Ретко кој, особено еден играч како тебе се осмелува во својата прва година да прифати проект, во кој се вклучени млади играчи. Колку е тешко да се работи со ракометари кои допрва треба да го кажат своето?

„Задоволство ми е што имам шанса да работам со млади играчи, поготово во својата држава и тоа во еден сериозен и квалитетен проект.

Храбро знам да носам одлуки, па тоа го сторив и сега. Многу е тешко да работиш каде што треба да создаваш, а од друга страна сакаш, и мораш да победуваш. Многу лесно можеш да изгубиш насока и цел. Сега за сега тоа добро го менаџираме и одиме чекор по чекор. Сигурен сум дека сме на вистинскиот пат, концепциски и со квалитетот на работа со стручниот штаб и луѓето во клубот“.

❄️🎄Алкалоид како дебитант првиот дел од сезоната го заврши со 11 победи и три порази. Колку си задоволен од овој учинок? Што на крајот на оваа сезона ќе биде успех за тебе?

„Задоволен сум од постигнатото и од начинот на кој играме. Во изминатата полусезона покажавме дека за да некој не победи треба добро да се намачи, така ќе биде и во плеј-оф натпреварите. Ние само ќе растеме како тим и ќе бидеме се подобри.

Алкалоид има два тима и пет селекции, и како одговорен за спорскиот дел можам да констатирам дека во сите категории/тимови засега сме на врвот од табелите. Ќе продолжиме со посветана и квалитетна работа во периодот што доаѓа“.

❄️🎄Веќе влеговме во процес на транзиција во националниот тим. Колку време ќе биде потребно за да овие млади момци да почнат да чекорат по вашите патеки? Има ли иднина мак-ракометот?

„Направивме комплетна смена на генерации. Тежок процес знаејќи како напредуваат сите Европски и Светски репрезентации. Кај нас во Македонија ретко кој гледа реално на работите. Ова сето е подковано со многу аргументи. Но, ние сме такви и откако ќе изгубиме нешто тогаш се освестуваме.

Иднина има, треба да се работи константно, стратегиски, етапно и со многу ентузијазам. Ние сме Македонија – мала земја, па нашите репрезентативци во голем дел се од македонската лига, за жал немаме многу елитни интернационалци што играат во големи клубови, а нашите играчи во нашите клубови не се борат за врвот во Европската лига, сега немаме ниту претставник во Лигата на шампиони.

Ако направиме споредба со другите репрезентации тогаш ќе ни стане јасно се. Со сите овие аргументи, цврсто верувам дека македонскиот ракомет има иднина, работиме на тоа да бидеме уште поквалитетни.

За брзо време ќе бидеме компететивни и ќе победуваме репрезентации од Топ 8“.

❄️🎄За колку време Македонија може да го добие новиот Кирил Лазаров?

„Веќе кај нас се наметнуваат повеќе лидери. Сакам да направиме силен колективен тим кој што ќе биде компактен. Пополека се кристализираат некои работи што ме радува. Задоволен сум од тоа каков калибар на играчи имаме во националниот тим“.

❄️🎄Македонија на Светско првенство без Кирил Лазаров и уште неколку искусни имиња. Имаме тешка група, но и тим кој претежно е составен од играчи кои настапуваат во домашниот шампионат. Каде се нашите шанси за овој Мундијал?

„На големите натпреварувања групите секогаш ќе ни бидат тешки. Ние треба да го подигаме нашиот квалитет на игра. Не можеме да очекуваме една Франција или Шпанија да бидат понеквалитетни во иднина, ние треба да го доградуваме поставениот систем. Истото што го кажав на клубски план така ќе биде и со националниот тим, ако сака некој да не победи ќе треба добро да се намачи“.

❄️🎄Има ли државата стратегија за подобар спорт општо. Дали ти како Кирил Лазаров со големо искуство имаш совет за подобро утре во спортот?

„Спортот е нашиот најголем амбасадор и треба да се негува. Приоритет треба да добијат нашите најдобри национални секекции и треба да се поддржат финансиски за да може да поставиме повисоки цели и да ги исполниме. Секогаш треба да сонуваме за големи работи, но сето тоа мора да биде логистички и финансиски добро да се поддржи. Ако си ставаме сопки еден со друг само ќе стоиме во место и ќе си фаќаме сеири кој на кого повеќе му направил штета. Во државата ни се потребни квалитетни и стручни луѓе со визија, кои мора да ги негуваме и почитуваме за да одиме напред“.

❄️🎄Кој друг спортски настан во Македонија во 2022 година те направи горд и среќен, а тоа да не е ракомет?

„Светското првенство во Катар. Фаворити ми беа Хрватска, Србија и Шпанија. Верував многу во Хрватите. Тие се пример за национален набој кој што националните селекции имаат константно успеси и земаат медал. Треба да се следи нивниот начин на работа во сите категории“.

ПретходноДамите во сенка на мажите, младите не ги препознаваат: Илина е сопруга на Игор Џамбазов, се презива Џамбазова (ВИДЕО)
СледноПознато е колку Роналдо ќе заработува секоја секунда, минута…