Во 2022 година “влеговме“ со надеж дека Македонија после пласманот на ЕП ќе може да игра и на Мундијалот во Катар. Пред нас беа две пречки, Италија и Португалија во баражот, и двете на гости.
Тој 24 март засекогаш ќе остави белег на сите нас. Чудото во Палермо, Алекс со гол во 90+2.минута донесе триумф над европскиот првак.
Луѓе, бевме на 90.минути до пласман во Катар. Сепак Португалија не е Италија, Роналдо и другарите во Порто ја победија Македонија со 2:0 и тие заминаа на Мундијалот.
Од тогаш па наваму се осети и виде падот на нашата најдобра репрезентација. Резултатите беа стани – падни, играта не така како што треба. Во Лигата на Нации неуспех. Не бевме на своето ниво и на крај во конкуренција на Грузија, Бугарија и Гибралтар завршивме како трети.
Следуваа пријателски при крајот на годината, и тука не бевме на своето ниво.
Сепак најмногу боли и пече оној пораз од Бугарија дома, среде Скопје со 0:1.
Така “напалени“ мислевме дека ќе го “згазиме“ источниот сосед. Политиката ја ставивме во преден план и кога е така, тогаш обично не успеваш.
Се на се година која мора да ја сфатиме како преодна. Пред нас е 2023 и квалификациите за ЕВРО.
Тука мора подобро, тоа го знае селекторот Милевски, а го знаат и фудбалерите.
На крај, Македонија во 2022 година одигра 11 натпревари, на нив победивме само во три меча, одигравме двапати нерешено и имавме шест порази со гол разлика 10:14.