Бразилскиот репрезентативец Дани Алвеш е обвинет за сексуално вознемирување, откриваат медиумите во Шпанија. Инцидентот се случил на 30 декември рано наутро во ноќен клуб во Барселона. Алвеш, кој настапува за мексикански Пумас и играше за „кариоките“ на Светското првенство во Катар, пристигна во каталонската престолнина за новогодишната ноќ.
Шпанските медиуми јавуваат дека една жена тврди дека била малтретирана од 39-годишниот дефанзивец во ноќен клуб во Барселона на 30 декември. Отишла во полиција и пријавила дека Алвеш и ја ставил раката под долната облека.
Исплашената жена потоа ги алармирала своите пријатели, кои ја пренеле информацијата на обезбедувањето на ноќниот клуб. Жената веќе е подложена на лекарски преглед во болница во Барселона.
Блиските на фудбалерот негираа дека имало било какво сексуално вознемирување.
„Тој беше таму кратко време и ништо не се случи“, објаснуваат неговите пријатели.










