Македонската ракометна репрезентација продолжува со подготовките за Светското првенство кое ќе се одржи во Шведска и Полска. За разлика од годините наназад сега националениот тим е составен од претежно млади имиња, кои заедно со неколку искусни ракометари ќе видат тешки битки во Краков, градот домаќин на нашата групна фаза. Македонија е аутсајдер во друштво на Норвешка, Холандија и Аргентина, но тоа пак е само дополнителен мотив за нашите момци.
Првата фаза, ракометарите ја одработија во Маврово, а веќе од вчера се вратија во погон, следи дуелот на деценијата утре, а потоа уште два теста против Хрватска и Израел.
Едно од младите имиња е Томи Јагуриновски. Вели дека во Краков ќе ги краси еден поинаков ракомет, динамичен, најдинамичен до сега.
„Можам да кажам дека подготовките во Маврово ги одработевме одлично. Акцент беше ставен и на физичката и на тактичката подготовка на нашиот состав, тука добредојдени беа оние две средби со Црна Гора, а во новата година ќе почнеме и со анализа на противниците. Она што ми се допаѓа е што играме модерен ракомет, многу побрз од досега, со значителна динамика што сигурно ќе ја краси нашата репрезентација не само на СП во Краков, туку и во иднина. Сигурно дека секогаш ќе одиме на победа, иако групата во Краков е исклучително тешка. Норвешка е фаворит за првото место, а мое мислење е дека најлесен од трите противници ќе биде Аргентина, иако воопшто не станува збор за наивна селекција. Холандија е квалитетна репрезентација со искусни ракометари против која исто така можеме да играме, но најголеми шанси за успех гледам во мечот со Аргентинците“, ни изјави Јагуриновски.
Македонија првиот меч ги игра на 13 јануари против Норвешка.