До стартот на Светското првенство кое ќе се одржи во Шведска и Полска остануваат уште осум дена. Мундијалот стартува на 11 овој месец, Македонија го игра својот прв меч два дена подоцна, поточно на 13. јануари против Норвешка. Краков ќе биде базата на македонските ракометари во групната фаза.
И на ова големо натпреварување Ковид-протоколите ќе бидат во главен план, кога станува збор за репрезентациите. Ракометарите ќе мораат да се тестираат. Првото тестирање е пред почетокот на групната фаза, поточно првиот меч, па пред главната рунда и на крајот пред четвртфиналето.
Доколку некој ракометар е позитивен на Ковид-19 ќе мора да мине петдневен карантин, а потоа со негативен тест ќе може да се врати во тимот.
И за новинарите има протоколи, но далеку полесни од Европското првенство минатата година кога мораа сите да се тестираат пред секој натпревар. Главен услови за новинарите е да имаат документ за најмалку примени две вакцини.