Македонската ракометна репрезентација ситно брои до Светското првенство. До првиот меч против Норвешка остануваат уште осум дена. Во овој период „црвено-жолтите“ ќе одиграат два пријателски меча (Хрватска 06.01 и Израел 07.01) во Пореч, по што се враќаат во Скопје. За Краков, градот домаќин на нашата групата, ракометарите ќе заминат на 11 овој месец.
Филип Кузмановски е последниот кој се вклучи во подготовките. Тој заедно со поискусните имиња ќе го носат товарот на овој Мундијал, во отсуство на Лазаров, Стоилов и Миркуловски.
Популарниот Фитиљ вели дека Македонија како и секогаш оди со големи очекувања, иако тимот е млад, сепак не се менува желбата – да се претстави својата земја во најдобро светло.
„Нашите очекувања секогаш се високи. Ние сме една млада екипа која ветува многу во иднина со три четири искусни играчи. Нѐ очекува една тешка група на со во Краков, но ние сме подготвени и нема да останеме на таа цел да имаме само континуитет настапи, туку сакаме да одиме во втората фаза. Во група сме со Аргентина Норвешка и Холандија и мислам дека сме подготвени и ние и од страна на селекторот и стручниот штаб. Ќе одиме чекор по чекор. Прво имаме подготовки пред нас, два контролни меча со Хрватска и со Израел, ќе се подготвиме максимално, важно е да ги следиме насоките и задачите зададени од селекторот“, рече Кузмановски пред заминувањето за Пореч.