Нашата ракометна селекција, во рамките на подготовките за претстојниот Мундијал во Полска и Шведска, како што е познато ќе учествува на “Кроација Купот“ во Пореч (Хрватска) кој утре почнува.
Четата на Кире Лазаров утре ја игра првата средба, и тоа со “коцкестите“ со почеток од 20:15 часот, а интересни вести ни доаѓаат од Истра, од Пореч. Имено според тамошните медиуми, за утрешниот меч владее огромен интерес, билетите се распродадени, па така Хрватска и Македонија ќе играат пред преполни трибини.
Секако дека и името на нашиот селектор Кире Лазаров и тоа како нешто значи за љубителите на ракометот во Хрватска, ако се знае дека тој неколку сезони играше во Загреб и важи за еден од најдобрите ракометари во историјата.
Кога сме кај нашата селекција, токму Лазаров не може да смета на Филип Талески, Никола Митревски и Цветан Кузманоски кои останаа во Скопје и ќе работат индивидуално.
По дуелот со Хрватска, следниот ден Македонија се среќава со селекцијата на Израел.