Поранешниот селектор на македонската ракометна репрезентација, Драган Ѓукиќ, исто е во Пореч. Тој ја води селекцијата на Израел, која вечерва (20:15 часот) ќе ги одмери силите токму со нашите ракометари во рамките на „Кроација Купот“.
Ѓукиќ на лице место го гледаше вчерашниот дуел меѓу Хрватска и Македонија, а долго време ги прати сите промени во националниот тим, па направи една мини-анализа. Потенцира дека мора да се поддржуваат овие момци, да се има трпение.
„Ова е почеток на еден процес. Како и секој селектор на Кире ќе му биде потребна една работа, што нема да ја има, а тоа е трпение на јавноста. Македонците се ракометна нација и сите сакаат резултати.
Сметам дека ќе ја поправат играта во одбрана и дека тоа ќе почнат уште вечерва да го прават. Вчера беше пријателски меч, растрчани во убав амбиент, речиси сите добија минутажа, а денеска веројатно ќе игра на победа“.
Според него Македонија игра модерен ракомет, многу подобар од минатото.
„Ова е една екипа во која може да се верува, која вреди да се поддржува, да се сака.
Македонија игра модерно, поинаку во однос на претходната генерација и сметам дека така и треба да биде затоа што и тимот е поинаков. Не игра поинаку од начинот на кој игра Хрватска, на кој играат скандинавците. Игра брзо, растрчано, кога ќе додаде и балканска цврстина, а ќе биде и тоа со поддршка од публиката и ќе биде се тоа како што треба“.