МЗТ Скопје убедливо ја загуби и втората пресметка против Црвена Звезда, вечерва на домашен терен беше совладан со 57-89. Ова беше 12-ти пораз оваа сезона за актуелниот македонски првак во јадранското друштво, во кое го чека тежок распоред во битката за опстанок.
Кошаркарите на МЗТ Скопје играа добро едно полувреме, по што српскиот тим со одлична трета четвртина го реши името на победникот.
„Честитки до Звезда за победата, ја видовте нивната сила. Дадовме се од себе, можеме да бидеме задоволни од втората и последната четвртина. Пресуди нивниот квалитет, одигравме според можностите, застанавме после првото полувреме. Продолжуваме со нашите цели, не чека тежок распоред, но нема да се предадеме до самиот крај. Ќе има измени во играчкиот кадар, ќе засилиме со многу повеќе играчи.
Не сум странец тука, среќен сум што имам шанса да го извлечам максимумот од овој тим во еден тежок распоред. Се надевам дека ќе ги вратиме насмевките во лицата и вербата кај сите“, изјави Драган Николиќ по мечот.