Црвена Звезда е класа, МЗТ Скопје имаше сили само за едно полувреме (ФОТО)

771

МЗТ Скопје не успеа да приреди изненадување против силниот состав на Црвена Звезда. Пред речиси полни трибини во СЦ „Јане Сандански“, актуелниот првак во АБА-лига од Скопје си заминува со убедлива победа од 57-80 во рамките на 14. коло.

Иако пред себе имаа многу силен противник, сепак кошаркарите на МЗТ Скопје одиграа мотивирано и храбро, особено во првото полувреме во кое не му дозволуваа на противникот брзо да го реши мечот. Тоа за жал, се случи во третиот период, во кој Црвена Звезда беше незапирлива. На крајот поразот број 12 беше неизбежен.

Вер со 16 поени беше прв стрелец, зад него со 13 поени беше Војдан. На другата страна Кампацо запиша 23 поени и 9 асистенции.

Гостите влегоа во дуелот со 0-6, на другата страна на македонскиот тим му требаа повеќе од 3:30 минути за да го постигне првиот поен, тоа го стори Кефи, со четири поени по ред намали на 4-6. Актуелниот првак во АБА-лига имаше одговор, дојде на плус 10 (4-14). Сепак овој резултат не ги демотивираше кошаркарите на МЗТ Скопје, Војдан и Вер со тројки, беа креатори на серија од 11-3 и намалија на 15-17.

Во вториот период Ц.Звезда дојде двапати на плус 10 (23-33 и 25-35), но домаќинот одново успеа да блесне, Дамјан и Вер намалија на 33-36 на полувремето.

По одморот, исто како на стартот на првата четвртина на МЗТ Скопје му беа потребни три и пол минути за да постигне кош, тоа го стори Мицовиќ за 36-44. Кампацо со две тројки беше лидер во своите редови, гостите набрзина зголемија на двоцифрени 36-50, со серија од 3-14. Во овој период македонскиот првак целосно се распадна, проба со тројки и избрзани шутеви, но не одеше, во последната четвртина влезе со негатива од 41-63. Третиот период заврши со 8-27.

Очекувано, ова беше доволно за да еден искусен тим како Ц.Звезда без проблем да го приведе мечот во своја корист.

Во следното коло МЗТ Скопје игра против Партизан на гостински терен.

ПретходноБрутална тепачка на автопат меѓу фановите на Наполи и Рома, има и тешко повредени! (ВИДЕО)
СледноНиколиќ најави: Ќе има промени во составот, се надевам дека ќе ги вратиме насмевките и вербата!