Иако имаше најави дека ќе следуваат промени, па дури и ќе се укине ваучер – системот со кој државата посредно му помагаше на спортот, сепак се чини дека не е така. Како што дознава “Спортмедиа“, Агенцијата за млади и спорт, која е одговорна за оваа проблематика, ги известила сите спортски федерации во Македонија, дека и за оваа 2023 година ваучер – системот останува ист.
Тоа значи дека ќе се задржи целиот систем како што беше лани, парите се тие, 10 милиони евра, и дека набргу во текот на февруари ќе следува бодувањето на федерациите, спортските организации, потоа клубовите како и спортистите во поединечна конкуреренција, кои можат да го користат ваучер – системот.
Тоа ќе трае во текот на февруари, кога и ќе се објави тоа кој колку бодови има и за колку пари може да го промени ваучерот, а потоа од 1 март па натаму тоа и да го направи. Процедурата од страна на АМС веќе е започната, а ќе биде исто како лани и според стариот закон затоа што, и покрај најавите од Владата на Република Македонија, нов закон не е донесен, па затоа мора ова да “истера“ по старите правила и законски акти.
Дали ова значи дека ќе се повторуваат проблемите од минатите години? Кога имаше проблеми во “раситнувањето“ на ваучерот, кога се споменуваа и провизии, па и кога голем број лица, клубови и федерации обвинуваа дека бодувањето не е фер и дека некој тоа го злоупотребува.
Да се надевам дека овојпат регуларноста ќе биде на повисоко ниво и дека бодувањето ќе биде пореално, и навистина спортот во Македонија ќе ги добие тие средства на вистински начин и ќе добијат тие кои што заслужуваат.