Го купија пред 2,5 години, дури вчера дебитираше за Јунајтед, Тен Хаг воодушевен од него

1528

Манчестер Јунајтед продолжи во наредната фаза од Лига купот по победата над Чарлтон со 3:0. На овој меч тренерот Ерик Тен Хаг одлучи да ротира фудбалери, па во составот беше 21-годишниот Факундо Пелистри.

Момчето за кое до пред некој месец немаше место во младинскиот тим, сега доби шанса во најсилниот и му асистираше на Рашфорд за 2:0 на мечот со Чарлтон. За уругвајскиот крилен фудбалер ова беше деби и покрај тоа што во Манчестер Јунајтед дојде пред 2,5 години.

Тогаш му платија на Пењарол 8,5 милиони евра, но немаше место за него па англискиот клуб два пати го прати во Алавес на позајмица каде што помина година и половина. Таму не се изнаигра, имаше слаб ефект во неколку натпревари па шпанскиот клуб го врати назад на „Олд Трафорд“.

Неговиот пад продолжи, во следните шест месеци само еден меч и тоа за младинската екипа. И покрај недостигот на натпревари на високо ниво, Факундо беше повикан на СП во Катар. Тој беше дел од сите натпревари во групата, а на два беше стартер.

Дури после настапот на СП, Тен Хаг реши да му даде шанса во првиот тим, прво на пријателски меч со Евертон, а сега во второто полувреме во меч од Лига купот. Тој имаше солиден настап за 15-тина минути, имаше неколку успешни дриблинзи, креираше неколку шанси и асистираше за еден гол.

Навивачите се прашуваат: Зошто до сега не играше ова момче?

По дуелот со Чарлтон, Тен Хаг подели комплименти за младиот јужноамерикански фудбалер.

Пелистри беше динамичен, асистираше за гол, во него гледам потенцијал. Се гледа дека напреднал во однос на претходно. Ми се допадна како одигра против Евертон во оној пријателски меч и затоа решив да му дадам шанса и на поважен натпревар. Одигра добро, се вклопува во нашата стратегија и мислам дека уште повеќе ќе напредува“, вели Холанѓанецот.

А оваа зима Пелистри сакаше да оди на нова позајмица за поголема минутажа, од Јунајтед беа спремни за да го пуштат, но настапот против Чарлтон веројатни ќе ги промени плановите на клубот.

ПретходноФудбалер ја доби Барса на суд – ќе си добие отштета од 8,5 милиони евра
СледноВоска Спорт се засили со голман кој има 111 настапи во ПМФЛ