Македонската ракометна репрезентација со очекуван пораз стартуваше на Светското првенство. Избраниците на Кирил Лазаров беа совладани од Норвешка со 39-27 (11-18). Својата шанса за прва радост ќе ја бараат против Холандија за два дена (15. јануари).
Филип Талески постигна седум гола, Манасков пет, Петров и Кузмановски по четири гола. На другата страна Сагосен постигна шест гола.
Во првото полувреме имавме краток блиц против Норвешка која пак на дело ја покажа својата сила и зошто е еден од претедентите за медал. Одбраната навистина не беше на своето ниво, противникот лесно ја пробиваше, правевме бројни технички грешки, кои против Холандија и Аргентина не смеат да се повторат.
Норвешка поведе со 2-0, првиот гол го постигнавме во петата минута преку Кузмановски. На наши грешки, противникот поведе со плус три (6-3). Митревски ја запиша првата одбрана, на другата страна Јагуриновски намали на 6-4 (прв гол после две и пол минути), откако Норвешка остана без играч помалку.
Лазаров повика тајм-аут на средината на првото полувреме. Вроди плод, Манасков од седум метри го постигна првиот погодок, Митревски се надоврза со втората одбрана, со нов гол на Деки од пенал, Македонија дојде на 8-7 во 17. минута. И ова не беше се, со нова одбрана на Митревски и погодок на Кузмановски, нашите ракометари израмнија на 9-9.
Исклучувањето на Серафимов и нови технички грешки не чинеа скапо, негативата дојде на 13-9. Откако успеавме благодарение на Манасков и Митревски да намалиме на 13-11 следеше вистински потоп. Серија од 5-0 во само две и пол минути ни донесе негатива од 18-11 на полувремето.
Норвешка продолжи во ист ритам и по одморот, во 41 минута, Македонија губеше со десет гола разлика (25-15). Томовски застана на голот на местото на Митревски, шанса добија Петров и Стојковиќ. Веќе беше јасно дека против една ваква репрезентација и при една голема негатива тешко може да се направи било што.