Поразот од Норвешка веќе е зад македонската ракометна репрезентација. Кирил Лазаров и неговите избраници целосно се свртени кон утрешната пресметка против Холандија (18 часот) во рамките на второто коло во групата Ф на Светското првенство.
Предводникот на нашиот национален тим верува во ракометарите и „оружјето“ со кое располагаме. Жали, што Томи нема да биде бидејќи неговата помош е драгоцена на овој Мундијал.
„Малку ме загрижува повредата на Томислав Јагуриноски, тоа беше голем хендикеп, па и за вчерашниот натпревар кога 25-26 минута се повреди додека бевме егал. Играч од таков калибар кој во последно време покажува многу квалитет, ќе ни недостасува. Сепак што е тука е, ни се приклучува Давид Саврески. Нов дебитант, со малку искуство, но голем потенцијал. Ќе пробаме, бидејќи се работи силен ритам во текот на 60-те минути и мислам дека секој играч ни е добредојден. Ќе пробаме да ја покриеме таа позиција и со друг играч, не само со Мартин Серафимов, затоа што мислам дека ќе биде тешко да се издржи во тој ритам 60. минути да се игра квалитетно. Мартин Серафимов ќе добие шанса, тој ја заслужува шансата, мислам дека ќе одговори квалитетно, сепак ќе ни недостасува Јагуриноски“, изјави Лазаров.
Дуелот меѓу Македонија и Холандија е закажан со почетокот во 18 часот.