Полека се загрева атмосферата пред денешниот натпревар на македонската ракометна репрезентација на Светското првенство. „Црвено-жолтите“ на теренот ќе ги одмерат силите со незгодната Холандија, дуелот е закажан со почеток во 18 часот.
Нашите ракометари и на оваа средба ќе имаат голема поддршка на трибините, нешто повеќе од 1.000 навивачи ќе ја обојат огромната „Таурон Арена“ во Краков.
Веќе фан-зоната се полни, на помалку од четири часа пред мечот се пејат македонски песни, се скандира името на нашата земја. Фановите на овој начин сакаат да им испратат поддршка на играчите дека со нив се и во добро и во лошо.
Сите посакуваат Македонија денеска да приреди изненадување против Холандија, што би значело вистински сепктакл во салата, но и низ улиците на Краков.