Македонската ракометна репрезентација денеска го игра вториот меч на Светското првенство. По убедливиот пораз од Норвешка, следи пресметката со Холандија, која на стартот покажа доминација против Аргентина.
Но, секој меч е своја приказна. Нашите момци имаа време да се соземат и да направат анализа.
„Да бидам искрен, немаме за што да жалиме, бидејќи квалитетот сепак беше на страната на Норвешка и тоа се потврди и на терен. Ги увидовме падовите што ги имавме, техничките грешки кои донесоа резултатот да отиде во корист на противникот, четири слаби минути во првото и уште шест во второто полувреме, такви лоши периоди не смее да ни се случуваат. Имаме шанси против Холандија, но тоа мора да се потврди на терен. Знаеме што да очекуваме, тие играат уште побрзо од Норвешка, ако го сопреме тоа, ќе имаме добри шанси за победа. Не е толку физичка силна Холандија во одбраната, може да напаѓаме квалитетно, но мора да ја сопреме нивната брза игра. Верувам дека нашиот селектор ќе има добра тактика за нив“, изјави Талески.
Дуелот меѓу Македонија и Холандија е закажан со почеток во 18 часот.