Македонската ракометна репрезентација шансата за пласман во главната рунда ќе ја бара против Аргетина, секако доколку вечерва „гаучосите“ изгубат од Норвешка. Разочарувањето е големо во нашите редови на никого не му е лесно што на ваков начин заврши и овој меч на Светското првенство.
Еден од оние кои најмногу се задржа со новинарите е Филип Кузмановски. Токму тој пред седум години, но на ЕП доби шанса како млади и преспективен.
„Искрено не знам што е проблемот, но вака веќе не може. Норвешка е фаворит за медал, гледаме како Холандија сериозно напредува од година во година, а каде сме ние… Доста се задоволуваме само со пласман на големите натпреварувања, ми пречи да доаѓам и да губам по десет разлика на сите натпревари. Репрезентацијата е гордост за сите, мораме да играме така, да се бориме во секој момент за секоја топка.
Зборуваме за подмладување, но и не сме премногу млади, оние кои се овде треба да дадат свој придонес, не кога ќе влезат во игра да направиме негатива по која после не можеме да се вратиме. Дел од играчите се од истиот клуб од селекторот и како такви треба добро да се запознаени со она што го бара од нив, не посебно внимание да се посветува на секој од нив. Како што реков, ова е репрезентација, најдоброто од Македонија и мора да се бориме од почеток до крај, далеку повеќе од сето ова што го покажуваме“, истакна Кузмановски.
И покрај ова издание верува дека можеме да одиграме подобро против Аргентина.
„Сите сакаме да играме, да победуваме со репрезентацијата бидејќи репрезентацијата е светост. Против Аргентина играме да победиме, за нас, за навивачите, за цела Македонија“, порачува Филип Кузмановски.