Претпоследен ден во Краков. Тешко е да се најдат соодветни зборови за она што се случува околу нашата репрезентација. И нам новинарите ич не ни е лесно, лично јас чекав да помине цел ден за да успеам да ги средам мислите. Цел ден барам зборови кои ќе ги отрезнат сите негативци, а ќе ги мотивираат сите кои го носат националниот дрес.
Една реченица ми остана во глава од синоќа, а тоа дел од изјавата на Кирил Лазаров:
„Сега не е време да се бараат виновници, треба да бидеме сплотени“.
Изјава на место, порака која мора да допре до сите нас вклучувајќи ги и ракометарите, да не го насочуваме прстот кон еден или двајца, во спротивно никогаш нема да научиме да го цениме она што сега го имаме. Кога ќе го немаме – ќе сфатиме колку сме грешеле.
Да се разбудиме од сонот на шампионите, да не гледаме далеку, туку пред себе. Така можеби ќе почнеме да ги доживуваме сите овие порази поинаку.
Голем дел од македонската јавност се надмина себе си. Гладни за победа, желни за среќни моменти, а „заробени“ во минатото ја заборавија реалноста, ја поминаа границата на нормалноста.
Ракометарите заедно со едно име како Кирил Лазаров станаа топовско месо за „стручњаците“ на социјалните мрежи, па и за оние кои биле дел од националниот тим.
Трпението е сведено на нула. Куќа не се гради преку ноќ, темелите мора да постават цврсто. Мора да се почне од некаде, да се падне 10 пати, а потоа да се исправиме.
Патот кон нормалното е трнлив, со падови и подеми, особено за една земја како што е Македонија.
Ова најдобро го знаат оние кои стигнале до врвот, а тоа е Лазаров. Додека другите новинари и земји се уште му редат епитети кај нас фрлаат со дрва и камења. Зошто? Затоа што не им се доаѓа на некој што решил од темел да менува работи.
Една Хрватска се соочи со дебакл на стартот на овој Мундијал, па се огласи Иван Чупиќ. Јавно побара поддршка од целата нација потенцирајќи дека сите ракометари имаат семејства кои ги читаат лошите коментари и навреди упатени на нивна сметка.
Па и нашите момци се нечии синови, браќа и татковци, можеби не ги исполнија очекувањата, но утре повторно ќе излезат на терен, ќе ја одберат Македонија, ќе ги бранат боите на својата татковина. Сите заслужуваат поддршка, како некогаш, како во добрите времиња, како во победите пред пола година…нели не беше многу одамна!
Каде сте Македончиња, каде сте, кај отидовте?