Поранешниот фудбалер Енох Мвепу, кој пред само неколку месеци на 24-годишна возраст ја заврши кариерата поради проблеми со срцето, итно е примен во болница во родната Замбија. Според пишувањата на медиумите од оваа земја, Мвепу доживеал срцев удар во неделата додека возел автомобил. Успеал да застане на паркингот, а откако го напуштил возилото паднал на земја и случајни минувачи веднаш повикале брза помош.
“Енох Мвепу не се чувствува добро и моментално е во болница во Замбија каде превентивно му прават тестови. Нашиот медицински тим е во комуникација со болницата и им стоиме на располагање. Им благодариме на сите што испратија пораки за поддршка и љубов кон Енох“, објавија од неговиот поранешен клуб, англиски Брајтон.
Мвепу ја заврши кариерата поради „екстремно високиот ризик од срцев удар“ доколку продолжи да игра фудбал, па на 24 години мораше да се збогува со професионалниот фудбал, но остана во него како тренер, откако почна да работи кај најмладите категории во Брајтон.