Македонската ракометна репрезентација синоќа беше поразена од Холандија во рамките на второто коло во групната фаза на Светското првенство. По оваа средба, пласманот во главната рунда, нашите момци ќе го бараат против Аргентина, меч кој се игра утре.
Во „Таурон Арената“ дел од навивачите ги исвиркаа нашите ракометари, незадоволни од она што го видоа на теренот. Вакво нешто за првпат се случува кога станува збор за ракометната репрезентација.
И играчите се свесни дека не го дадоа максимумот, велат дека ништо не е изгубено, напротив имаат уште еден меч за победа во Краков.
„Се спремавме и знаевме како игра Холандија. До детал бевме спремни, но веројатно притисокот си го направи своето. Промашивме зицери, направивме технички грешки, игравме мртво и во одбрана и во напад. Имаше некои убави моменти кога се враќавме, посебно во второто полувреме, но имаше пак „црна дупка“ во две-три минути во кои губевме.
Овие свирежи од навивачите ќе ни бидат поттик за во иднина да бидеме подобри. Македонија губела и победувала и претходно и искрено се надевам дека ќе се спремиме добро и ќе се пласираме во следниот круг“, изјави Пешевски.