Без борба – нема победа, Аргентина и одржа час по ракомет на Македонија (ФОТО)

256

Македонската ракометна репрезентација со три порази ја завршува групната фаза на Светското првенство. На последната средба нашите играчи беа совладани од Аргентина со 26-35 (11-18). Од Краков, ракометарите се селат во Плоцк каде ќе играат Президент Куп.

Првото полувреме како по некое непишано правило, тука во Краков заврши со седум гола разлика, со ист резултат 11-18 во корист на противникот. Се тешевме дека Норвешка и Холандија се силни, ама на крајот излезе дека и една Аргентина е класа за нас.

Што видовме на терен вечерва? Видовме како оние поискусните се претворија во почетници. Видовме наместо бодрење, дерење на терен, видовме суети, не спортисти.

Вакво издание никаде не не носи. Кога нема борбеност – тогаш поразот е неизбежен. Добри бевме во првите две минути, ТОЛКУ. Митревски одбрани, Талески погоди, успеавме да бидеме рамноправни до 3-3, по што следеше она старото – серија на грешки и многу примени голови. Аргентина предводена од Симонет, полека но сигурно чекораше на патот кон првата победа. Поведе со 4-9, Лазаров повика тајм-аут, Кузмановски на момент го прекина налетот на противникот, а потоа Аргентина се искачи на плус шест 5-11. Оваа позитива ја одржуваше до пред крајот, кога успеа да стигне на плус седум 11-18.

Ништо не се промени во вториот дел. „Гаучосите“ не ни дозволија да помислиме на пресврт. Позитивата ја одржуваа без проблем, по десет минути игра беше плус девет (17-26). Лазаров повика тајм-аут, но истиот не смени многу. Во 50. минута, Аргетина дојде на двоцфрени 20-30. До крајот беше само чиста формалност.

ПретходноОвој Арсенал е најдобриот Арсенал во историјата на Премиерлигата!
СледноМакедонија на првиот меч од „Президент Купот“ против Алжир!