Лазаров: И ние се мачевме десет години! Не смееме да бидеме депресивни, разочарани – да!

1336

Кирил Лазаров гледа низ поинаква призма. Поранешниот лидер на теренот, сега предводник на националниот тим, после официјалната прес-конференција по поразот од Аргентина, зборуваше отворено за трите меча.

Можеби сето ова изгледа загрижувачки бидејќи Македонија до скоро во составот го имаше Лазаров, големиот борец Стоилов, но и повратникот Миркуловски, па никоја не мислеше дека ќе дојдат времиња кога неколкуте искусни имиња заедно со осумте дебитанти ќе се судрат со реалноста.

Лазаров признава дека трите меча се лоши. Причините ги има многу. Ако погледнеме наназад на стартот на подготовките она што мислевме нема да биде проблем – исплива на површина. Само двајца ракометари играат надвор, сите останати се во домашниот шампионат, кој без навреда, ама е далеку од нивото кое може да придонесе за раст во репрезентацијата.

„Имавме лоши три меча. Не знам што се случи со играчите, дали е притисок, дали е играњето во послаба лига и немаат силни мечеви во текот на сезоната. Имавме двајца играчи кои играат надвор, Митревски нема сјајна сезона, Кузмановски добива мала минутажа. Мислевме тоа да го покриеме со добра атмосфера, добра работа и систем, но наидовме на тврд орев, на добри репрезентации кои имаат амбиции да се изборат за квалификации за олимписки игри. Направивме многу жртва да бидеме тука, имаше и такви кои мислеа дека нема да бидеме тука, но ние се изборивме за Светско и за следното Европско“, рече Лазаров.

Она што допрва следува е работа, бидејќи ракометот остана единствен спорт кој редовно учествува на големи натпреварувања, сите останати се во застој. Мундијалот на кој Македонија ќе продолжи во битка за подобар пласман или Президент Купот, ќе биде големо искуство за сите. Иако беше одамна, сепак генерацијата која замина во пензија долго време се мачеше за да фати ритам.

„Ова е големо искуство за мене, видов како игра екипата, многу сум изненаден. Мора да работиме многу, ако сакаме да не ни се случи она што веќе е во кошарката, фудбалот и одбојката.

Осум дебитанти, неискусни и неподготвени да носат ваков товар. Го почувствуваа притисокот, особено против Аргентина која моравме да ја победиме, ние делувавме анемично.

Ова е ново искуство, на подготовките играме порастеретено, многу подобро, но пријателски меч е пријателски меч. Ова носи посебен притисок, знам како е, не е лесно она што ние го постигнавме во минатото. Македонската фаланга помага многу, но бара одговорност. И ние се мачевме десет години, па успеавме да се пласираме, имавме подобри и полоши моменти.

Сигурно и јас имам погрешено, не сум безгрешен, мора да почнеме од почеток видовме до каде сме со овие репрезентации. Изненаден сум од сите, ги разбирам, не им лесно, сум се мачел како играч и капитен во многу баражи и квалификации. Се надевам дека брзо ќе го дигнеме нивото за да им парираме на вакви репрезентации“.

Овој шампионат не блеснаа и голманите, но Лазаров силно верува во нив. Некако едно со друго се поврза, па добрата атмосфера во тимот не се одрази на теренот.

„Одигравме четири пријателски и три официјални, ниту еднаш голманите не ја минаа границата од десет гола. Тоа било наш заштитен знак, но имам голема доверба во Митревски и Томовски, се случи нешто и со нив. Треба да те удри некоја топка. Треба да се анализра. Ова е реалноста, треба да бидеме среќни што го имаме следното европско. Да работиме повеќе во клубовите, да се направи добра селекција. Они може нема да признаат но го имаат притисок, самото тоа што навивачите ти бараат победа“.

Прв противник е Алжир во Президент Купот, во Плоцк ќе се бара првата победа. Лазаров вели дека не смеат да паднат во депресија.

„Сакаме да ја почувствуваме сласта на победа, сакаме да не паднеме во депресија, да играме со послаби противници. Не треба да бидеме депресивни, но незадоовлни – да. Да добиеме нови играчи да видиме кој може да одговори на ваков тип на мечеви“.

ПретходноШок на АО: Повредениот Надал елиминиран од Мекдоналд!
СледноПовторно Јокиќ фантастичен, повторно трипл-дабл и победа на Денвер! (ВИДЕО)