Шампионот МЗТ Скопје А. со победа го отвори вториот круг од домашното првенство. Вечерва во „Jане Сандански“ во еден исклучително возбудлив меч, домашните славеа со 91:81 и дојдоа до единаесеттата победа сезонава.
МЗТ Скопје и ТФТ навистина понудија одлична престава. Првите две четвртини беа комплетно израмнети. Домашните го добија првиот период со 26:23, па следуваа 10 минути во кои ТФТ успеа да возврати со иста сила и да дојде до егал на пауза (54:54).
Вториот дел од мечот почна со фантастична игра на домашните предводени од Миќовиќ и Војдан Стојаноски. „Штрковите“ максимално го искористија падот во играта на гостите и направија +19 за само 10 минути што навестуваше скоро сигурна победа за домашните.
Сепак, ТФТ не мислеше да се предава. Во последната четвртина гостите влегоа со неверојатна серија од 12:0 и успеаја комплетно да се вратат во мечот. Одличниот почеток на последната четвртина продолжи со серија и до 16:1 со што ТФТ дојде на само четири поени од предноста на домашните (83:79), но МЗТ Скопје успеа да се соземе и во последните две минути сепак да влезе со пристојна предност 91:79.
ТФТ немаше сили за нов пресврт, па на крајот мораше да се помири со пораз.
Миќовиќ со 34 поени беше „меч-винер“ за домашните, додека кај ТФТ, Ташовски и Мекбраер постигнаа по 16 поени.