Жесток и исцрпувачки меч одиграа Данска и Хрватска во салата во Малме во меч од групата 4 на СП. На крајот резултатот 32-32 кој повеќе им одговара на Данците.
Оваа резултатска нишалка важеше до самиот крај. Нервоза, напнатост, неизвесност и на крајот реми. Во последните секунди Хрватите имаа и шанса за победа меѓутоа Циндриќ не погоди.
Кај Хрватска најефикасни беа Шипиќ со 9 гола, Главаш постигна 8, додека Циндриќ 5. Кај Данците, Питлик даде 9, а Хансен реализираше 8.
За Хрватите ова е голем бод, меѓутоа за пласман во во четвртфинале ќе треба да им се поклопат неколку работи во следните два меча – да ја победат Белгија со голема гол-разлика, а потоа и Бахреин и притоа да се надеваат дека Египет ќе ја победи Данска.
Норвешка ја совлада Србија со одлична игра во второто полувреме во Катовице. Србите имаа предност од 17-14 на полувреме, меѓутоа не можеа да го следат пеколниот ритам и потклекнаа пред еден од фаворитите за златото на СП.
Србија на преостанатите два меча со Аргентина и Холандија ќе брка трето место во групата и квалификации за ОИ во Париз 2024. Норвешка и Германија со по 6 бода се многу блиску до пласман во нокаут фазата.