Машката сениорска одбојкарска репрезентација на Македонија остана на 25. место и на јануарското рангирање на најдобрите европски репрезентации кое го прави европската одбојкарска конфедерација ЦЕВ. Нашите одбојкари оваа година ги очекуваат две големи натпреварувања, Европската Златна лига и Европското првенство во Скопје, па до тогаш веројатно остануваат на листата на 25 најдобри европски селекции.
Македонија има 102 бода, колку што имаше и на минатото рангирање на ЦЕВ. На првото место на листата е Италија со 367 бода, пред Полска (343) и Русија (299) кои ја заокружуваат ТОП 3 листата на најдобри машки одбојкарски селекции на Стариот континент.
Од противниците на Македонија на ЕП во Скопје кое ќе се одржи оваа година, покрај Полска која е втора на овој ранкинг, Холандија е осмопласирана, Чешка е на 13. место, Црна Гора котира на 23. место, додека селекцијата на Данска е единствената со послаб рејтинг од нас, но веднаш до нас на 26. место.