Откако успеа да ангажира повеќе квалитетни имиња во текот на овој зимски преоден рок, и одигра контрола со Воска, сега сите погледи во таборот на Шкендија се кон Анталија. Имено познато е дека тетовските „црвено – црни“ во својата стара зимска база ќе ја одработуваат главната фаза од тековните подготовки, но ќе одиграат и најмалку четири пријателски средби.
Експедицијата на Шкендија во Анталија заминува на 25 јануари, а таму ќе биде во наредните 15-16 дена.
Прв ривал од серијалот пријателски средби е тимот на Мура од Словенија (28.01). Екипа која и тоа како им е позната на тетовци, ако се знае дека во летото 2021 година тие загубија од Словенците во 1.квалификациско коло во ЛШ со вкупни 0:6. Еве шанса за реванш. Три дена подоцна (31.01) четата на стратегот Ќатим Османи ќе ги одмери силите против ЦСКА 1948 Софија, тим од Бугарија.
На 6 февруари Шкендија ќе се сретне со гигантот Динамо Киев од Украина, тим кој што во Анталија ќе игра и против Силекс. Секако дека ова ќе биде најтешкиот тест за Шкендија.
На 9 февруари ривал ќе биде добро познатата Валмиера (Летонија), тим кој што изминатото лето во 2.квалификациско коло во ЛК беше совладан со вкупни 5:2.