ФК Борец, симболот на фудбалски Велес е пред згаснување. Овие лоши вести кои доаѓаат од клубот, но и од фудбалската чаршија во градот на Вардар, навистина се вознемирувачки. Оваа година ФК Борец ќе треба да го прослави својот 104 – ти роденден, но се чини дека нема да го слави.
Имено последните вести се дека не само што ФК Борец ќе се повлече од настап во пролетниот дел во ВМФЛ, туку едноставно и ќе згасне како клуб.
Јасно е дека ако тимот не одигра два меча во пролетниот дел му следува преселба во најнизок ранг, но тоа нема да биде се, туку поради немање на никакви финансии клубот едноставно нема да постои повеќе.
Да потсетиме дека во есенскиот дел во ВМФЛ, Борец одигра 15 меча и забележа исто толку порази со гол разлика 6:54 и секако не освои ниту еден бод, па така јасно е дека и онака клубот ќе се сели во трета лига.
Колку за потсетување, пред шест месеци и ФК Ренова, екс шамппионот на Македонија и некогашен освојувач на Купот одлучи да го згасне својот прв тим.