Јувентус минува низ многу турбулентен период, поради што одредени играчи имаат намера да си заминат и до крајот на јануари. Еден од оние од кои најмалку се очекуваше дека ќе сака да си оди е Пол Погба, кој според медиумите во Италија подготвува шокантен трансфер.
Јувентус пред неколку дена беше строго казнет од Федералниот апелационен суд кој му одзеде 15 бода на овој клуб, со што Старата дама падна на десеттата позиција во Серија А, но се чини дека тоа не е единствениот проблем. Поради целата ситуација во Јувентус се појавија шпекулации дека некои фудбалери сакаат што поскоро да го напуштат клубот и дека тоа јасно му го соопштиле на Макс Алегри.
Медиумите на Апенините пишуваат дека се појавил список на фудбалери кои побарале да си заминат поради се што му се случуваше на овој клуб во претходниот период. Наводно, на списокот се првотимците Војчех Шчесни, Адриен Рабио и Вестон Мекени, но изненадување е и името на Пол Погба, кој летово „молеше“ се врати во Јуве, а досега не одигра ниту една минута за тимот поради повреда на коленото. Погба им кажал на челниците на „Старата дама“ дека сака да го напушти клубот, иако сезонава нема одиграно ниту една минута, а наводно се подготвува и негов нов шокантен трансфер во Манчестер Јунајтед од каде штотуку дојде во Јувентус. Медиумите во Англија пишуваат дека е речиси невозможна мисија Манчестер Јунајтед да даде пари за неговиот трансфер зимава, особено што тој се уште е надвор од игра.