Хрватска теоретски се уште е во игра за четвртфиналето, но реално тоа е речиси невозможно да се постигне. Хрватите ќе треба денеска (18 ч.) да го победат Бахреин со 22 или повеќе гола разлика, а Египет да ја победи Данска. Тешко е да се поверува, но „коцкестите“ најавија дека ќе дадат се од себе да направат и такво чудо.
„Во второто полувреме против Белгија беше видлив забележлив замор, па сега ќе ги освежиме момците и ќе се обидеме да го извлечеме максимумот од последните 60 минути во Малме. Бахреин може да биде многу незгоден, може да игра многу добра и агресивна одбрана. Треба да бидеме паметни, трпеливи и дисциплинирани да не дозволиме лесни голови, а нашата одбрана 5-1 треба да се покаже како наше главно оружје и тука треба да бараме решение за играта“, вели хрватскиот селектор Хорват.
Второто големо дерби денеска е во групата „3“. Таму Германија и Норвешка влегуваат во битка за првото место, откако и двете селекции веќе се пласираа во четвртфиналето. Германија и Норвешка се уште се непоразени на Светското првенство, а и двете целат кон шестата победа во низа. И двете селекции имаат речиси подеднакво ефикасни напади и одбрани што може да се покаже преку бројки. Германија прими 25,2 гола во просек по натпревар, додека Норвешка има 22,6 гола во просек. Од друга страна, избраниците на Алфред Гисласон постигнуваа по 34,8 гола во просек по натпревар, додека Норвешка е со просек од 31,8 гола.
Ова ќе биде петтиот дуел на овие две селекции на Мундијалите. Освен ремито на Светското првенство за мажи во 2005 година, Норвешка беше подобра на сите останати дуели.
ГРУПА 3
15.30 Катар – Аргентина
18.00 Србија – Холандија
20.30 Германија – Норвешка
ГРУПА 4
15:30 САД – Белгија
18.00 Хрватска – Бахреин
20.30 Египет – Данска
ПРЕЗИДЕНТС КУП
15.30 Тунис – Алжир
18.00 Македонија – Мароко