МЗТ Скопје по поразот од Будуќност не успеа целосно да се исправи, а веќе вечерва мораше да излезе на мегдан против Гостивар и тоа на жешкиот терен во салата „Младост“.
Кога станува збор за еден тим кој игра во АБА-лига, нема изговори за порази. Драган Николиќ не успеа исто како неговиот претходник да најде лек за Гостивар, кој пак му го нанесе и вториот пораз на МЗТ Скопје, овој пат го совлада со 88-69 во рамките на 13. коло во Првата лига.
Домаќинот го дочека актуелниот македонски првак максимално мотивирано. Тоа го покажа на стартот на мечот, а потоа од втората четвртина па до самиот крај. Прво го превзема водството, но МЗТ Скопје успеа во првиот период да поведе со 16-20. Се чинеше ја има контролата на мечот, водеше со 29-38, а потоа влезе во криза која Гостивар максимално ја искористи, со серија од 11-2 израмни на 40-40 на одморот.
Не застанаа тука домашните кошаркари, поведоа со шест поени на средината на третата четвртина (55-49), а потоа и со плус осум на стартот на последниот период (63-55). Актуелниот македонски првак се обидуваше да притисне, но Гостивар умешно одржуваше водство, кое на пет минути до крајот беше довцифрено 72-62.
Не успеаја „сино-белите“ да се вратат, на крајот остана да се помират со поразот број два во Првата лига, исто од Гостивар.