Победа за крај на СП: Македонија ја совлада Ј.Кореја и заврши како 27-ма!

475

Македонската ракометна репрезентација на 27. место го заврши Светското првенство. На последната средба од Президен Купот, избраниците на Кирил Лазаров славеа против Јужна Кореја со 33-36 (19-20). Овој Мундијал, на кој го почавме процесот на подмладување имавме четири порази и три победа.

До овој меч важевме за единствена репрезентација без промашување од седум метри, но таа традиција заврши, имавме вкупно три нерализирани удари.

И овој пат падот во играта беше главен проблем, од минус шест противникот се врати во егал меч.

Кузмановски со осум гола беше прв стрелец, зад него беше Костески со шест, еден помалку имаше Серафимов.

Добар вовед и лоши последни седум минути во првото полувреме. Ракометарите поведоа со 3-7 во седмата минута. Шет минути подоцна, Џонов со првиот гол зголеми на 6-11. Томовски беше повторно одличен на голот, имаше шест одбрани. Но, како некое непишано правило, наместо да „газиме“ и лесно да го приведеме мечот, поради наши грешки и невнимателност, му дозволивме на противникот лесно да ја стопи позитива од 11-17 во 23 минута. Со серија од 6-9 на одморот намали на 19-20.

Јужна Кореја по само седум минути игра успеа да изедначи на 23-23, период во кој Македонија промаши пенал, прв на Мундијалот, а голманот на противникот Парк влезе во серија. И наместо да искористат четири минути со играч повеќе и да дојдат до поголема предност, два промашени пенали, неколку лесно подарени топки, беше доволно за да противникот дојде до првото водство на мечот од 26-25 во 43 минута. Голманот Парк едноставно добро ги читаше нашите ракометари.

Серафимов по двата нереализирани пенали на Кузмановски изедначи на 26-26. После 27-26 Лазаров повика тајм-аут. Петар Атанасијевиќ со два гола во низа го врати водството, беше 27-28 на средината на второто полувреме. Влеговме во ритамот на Јужна Кореја, наместо да ја стабилизираме играта.

Се играше гол за гол, Кузмановски реализираше за 30-31 во 51 минута, противникот остана со играч помалку. Од оваа ситуација успеавме да „ќариме“ само еден гол, Костески зголеми на 30-32. Лошо додавање на Кузмановски, промашување на Костески, не ставија во лоша позиција 31-32. Наместо сигурна завршница. Килаво, едвај, Македонија успеа да го урне отпорот, со серија од 1-5 поведе со 32-36. Ова беше доволно за мирен финиш.

МАКЕДОНИЈА: Митревски 1, Томовски 14, Костески 6, Стојковиќ 1, Талески 4, Кузмановски 8, Серафимов 5, Џонов 4, Петров 3, Ѓорѓиев 1, Атанасијевиќ 3, Манасков, Пешевски, Младеновиќ 1, Савревски.

ПретходноМарк Клатенбург избркан од Египет зошто наводно бил геј!
СледноФилип Кузмановски играч на мечот!