На спортистите од Русија и Белорусија може да им биде дозволено да учествуваат на Летните олимписки игри во Париз следната година.
Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) ширум ја отвора вратата за да им овозможи на Русите и Белорусите да се натпреваруваат под неутрално знаме на Летните игри.
Во подолгиот допис од ИОК се наведува дека јасно мнозинство од земјите-членки на состанокот во средата биле за да им се дозволи на Русите и Белорусите да учествуваат на Олимпијадата.
„Ниту еден спортист не треба да биде спречен да се натпреварува врз основа на тоа од која земја доаѓа. Затоа мора дополнително да се истражи како спортистите можат да учествуваат во натпревари под строги ограничувања“, велат од ИОК.
Првиот човек на ИОК, Томас Бах исто така е поддржувач на идејата сите спортисти да добијат право да бидат дел од најголемиот спортски собир на планетата.