Многу е срамно, мизерно, тоа што се случува со фудбалската гордост на Македонија, ФК Вардар! Најтрофејниот, најголемиот, нај, нај, нај. . . клуб во земјава го нема на фудбалската мапа, го нема активен на зелениот терен, го нема да почне со подготовки, да објави нови фудбалери и планови за во иднина.
Тоа што се случува со ФК Вардар е дно, тешка хаварија и невиден дебакл за целото наше општество кое не мрда ниту со малиот прст за да се спаси брендот, клубот, фудбалот. Со почит голема кон сите, но едно е јасно и гласно, а тоа е дека без силен Вардар нема фудбал во нашата Македонија. А силен Вардар може да го има само со сериозни лица и личности, а тоа никако не е Слободан Крстевски – Цобе, малиот градежник кој се фати на голема игра во која изгоре. Влезе во големата игра, а сега се крие во најмалата дупка, но не за да го спаси клубот туку да се спаси самиот себеси од армијата на луѓе и фирми кои го „бркаат“ за неплатени сметки, долгови, плати. . .
И така ФК Вардар сега живее само на хартија, без тренинзи, без активности и од ден во ден со се поголеми долгови и долгови. Слободан Крстевски со тогашниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, а под капата на фирмата “Блу Скај Инвестмент“ во јули 2021 година го превземаа Вардар од Сергеј Самсоненко и прифатија да го исплатат долгот од 2,4 милиони евра.
Но само неколку месеци покасно клубот е на дното. Хаваријата е стигната до таму што Вардар и газдата немаат пари да го купат катанецот за да го заклучат клубот кој реално не ни поседува ништо освен печат, а има долгови кои сега Слободан Крстевски ги зголемил од 2,4 на околу 4 милиони евра. СПАС НЕМА. . . ТОА Е ВИСТИНАТА! Кој ќе биде херојот што ќе го објави крајот? Каде се Турците, Катарците и најновото “Унгарците“. Тешки „превари“ лажни причи и смешни ликови се плеткаа и ветуваа милиони, а истите тие немаат пет банки со себе. . . Ете до таму е дојден Вардар, до крајот.
Денеска сме 27 јануари! Никогаш претходно до овој термин Вардар не бил така безпомошен, без тренинзи, без активности, без подготовки. Можеби некој ќе се разбуди, можеби институциите ќе се разбудат, можеби ќе има спас но тоа никако не може да се случи со оваа гарнитура во ФК Вардар и луѓето кои сега се таму и глумат дека нешто работат, менаџираат и се обидиваат да го спасат клубот.
Ех таа „Вардаризација“, која се појави во времето кога ФК со Самсоненко газеше се пред себе и кога некој мислеше дека Вардар има легенди кои знаат како да менаџираат со клубот. Каде беше тогаш ФК Вардар со „копитата“, “сељачиштата“ и „провинцијата“… а каде е сега со „Вардаризацијата“ со „децата на Вардар“, со „легендите“…
Сами си „пукаа“ во колено! ….