Нема веќе непоразени екипи во Првата женска лига. За тоа најголем „виновник“ е екипата која го брани шампионскиот пехар – Бадел 1862. Која го победи својот најголем конкурент во изминатите години, Баскет Кам 2011, во Македонска Каменица славеше со минимални 66:65.
Одлучувачка за конечниот победник беше серијата (19-4) од крајот на втората и почетокот на третата четвртина по која „баделки“ поведоа со 40:34. А до истекот на третиот дел од играта, имаа и +10 (52:42).
Во драматичните секунди, бранителот на титулата го издржа притисокот и дојде до важен триумф во борбата за пласман во плеј-офот.
Американската интернационалка Катлин Метју која ги одигра сите 40 минути и постигна 27 поени и 16 скока. Димитријевиќ постигна 17, а Лазареска со 12 поени. Во тимот на Баскет Кам 2011, Цветанка Димова постигна 16, а Сања Адамоска уште 13 поени.
Изненадување направи екипата на Крива Паланка која на домашен терен го победи Вардар со (75:71). Девојките во „црвено-црна“ комбинација водеа во поголемиот дел од натпреварот. Но на средината од последната четвртина домашните кошаркарки израмнија на (63:63) и во финишот дојдоа до победата.
Шамека Мекнил беше енигма за одбраната на Вардар. Постигна 38 поени дополнети со седум асистенции и шест освоени топки. Михаела Алексовска додаде 16 поени, Глухавичанин уште 12 поени.
Кај Вардар, Едина Муса оствари дабл-дабл со 21 поен и 10 скока, а Зафирова реализираше 16 поени.
ПРВА „А“ ЛИГА-ЖЕНИ
РЕЗУЛТАТИ 10. КОЛО
Крива Паланка – Вардар 75:71
Баскет Кам 2011 – Бадел 1862 65:66
МЗТ Скопје Аеродром – Гризли 72:51
Струга 2009 – Пробаскет 92:44
ТАБЕЛА: Баскет Кам 2011 19, Вардар 17, Бадел 1862 16, МЗТ Скопје Аеродром 15, Струга 2009 15, Крива Паланка 15, Гризли 12, Пробаскет 10;
ИДНО КОЛО (04.02)
Баскет Кам 2011 – Крива Паланка
Гризли – Вардар
Бадел 1862 – Струга 2009
Пробаскет – МЗТ Скопје Аеродром