Проблеми на стартот на сезоната во СЕХА-лига за актуелниот македонски вицепрвак. По Вардар 1961 и Е.Пелистер стартуваше со пораз, беше совладан и надигран на гости кај Војводина (29-24).
Битолчани беа надиграни во второто полувреме, покажаа немоќ.
„Агресивната 6-0 одбрана на Војводија ја „уби“ нашата флуидност. Од таа агресивност не можевме да напаѓаме како што планиравме. Не трчавме многу без топка и покажавме физичка инфериорност. Сепак, тоа е заслуга и на нашиот противник. Не работевме комплетно овој месец и ритамот ни е пореметен. Но, нема изговори, загубивме од подобар тим и треба само да работиме за да се подобриме“, рече Ларс Валтер.
Ненад Костески, кој постигна седум гола и беше прв стрелец, смета дека техничките грешки и промашените зицери на крајот биле пресудни за поразот.
„Честитки за победата на Војводина, заслужија да се радуваат. Имавме многу технички грешки и промашени зицери и тоа на крај нè чинеше пораз. Победата на Војводина е заслужена, но ова е само почеток на лигата. Продолжуваме понатаму и се надевам дека ќе бидеме подобри“.
Следен противник на Е.Пелистер е Нексе, мечот се игра на втори февруари, битолчни исто ќе бидат гости.