По поразот од Татран Прешов на стартот на СЕХА-лига, Вардар 1961 денеска ќе има шанса да го поправи лошиот впечаток од ова гостување, во кое изгледаше далеку од препознатливото светло.
Во СЦ „Јане Сандански“ гостува Партизан, мечот е закажан со почеток во 18 часот. Со оглед на тоа дека „црно-белите“ имаат свои фанови во Македонија и на кошаркарските натпревари доаѓаат во голем број, „Комити“ пред оваа средба се мобилизираа. Навивачите на актуелниот македонски првак нема да дозволат Партизан да игра како на домашен терен, па денеска се очекуваат трибините да бидат обоени во „црвено-црната“ боја.
Партизан е аутсајдер на оваа пресметка, но за да се потврди тоа, Вардар 1961 мора да го подигне нивото на игра, порача капитенот Стојанче Стоилов на прес-конференцијата пред дуелот.
„Се надевам дека нашите фанови ќе дојдат да не поддржат. Ова се моменти кои навивистина ни требаат. Партизан е млад тим, ја имаме фаворитската улога, истата мора да ја потврдиме“.