МЗТ Скопје и натаму го бара вистинскиот „рецепт“ за да го поправи впечатокот во АБА-лига. Актуелниот македонски првак засега останува на две победи и 15 порази, скор кој го враќа назад во второлигашкото јадранско натпреварување.
Во ростерот по доаѓање на Драган Николиќ се направија промени, но истите барем засега не го даваат посакуваниот плод. МЗТ Скопје и натаму игра под нивото, тоа го покажа против Гостивар на гости во домашниот шампионат и на последната средба против С.Ц Дерби на гости.
Спортмедиа дознава дека наскоро ќе има и нова промена во составот. Александар Бурсаќ е пред излезната врата на клубот. Тој дојде во ноември како замена за Еван Максвел под обрачите, но неговиот просек во десет одиграни меча е 6,7 поени.
Неофицијално, Дарко Планиниќ би можел да биде неговата замена. Станува збор за 32-годишен кошаркар кој настапува за романскиот тим Волунтари. Има богати сиви и искуство, кое ќе биде добредојдено за овие тешки денови за МЗТ Скопје. Својата кариера ја започнал во Широки, по што заминал во Макаби.