МЗТ Скопје дојде до 12. триумф оваа сезона во Првата лига, до истиот стигна преку градскиот ривал, Работнички, на домашен терен го совлада со 91-87 во меч од 14. коло.
Лидер во редовите на актуелниот македонски првак беше Војдан Стојановски. Македонскиот репрезентативец средбата ја заврши со 26 поени, пет скока и четири асистенции.
Вечерва во СЦ „Јане Сандански“ дербито мина во одлична атмосфера, нешто што посебно го радува Војдан.
„Драго ми е што мечот го красеше убава атмосфера, вечерва беше празник на кошарката. Сите знаеме дека ова дерби ја краси македонската кошарка.
Победивме два тешки натпревари, и во саботата и денеска. Навистина е исцрпувачки да се игра во еден ваков ритам, но заморот се заборава кога на крајот се победува. Треба да останеме фокусирани и да продолжиме да играме вака, со самодоверба“, ни изјави Војдан Стојановски по мечот.
МЗТ Скопје нема многу време за одмор, веќе во петок игра нов дуел од АБА-лига, му гостува на Морнар.