Вечно дерби број 160 во незгоден момент за Работнички, МЗТ Скопје апсолутен фаворит!

244

Вечерва во СЦ „Јане Сандански“ МЗТ Скопје и Работнички ќе го одиграат 160 меѓусебен натпревар во домашниот шампионат. Актуелниот македонски првак на оваа средба влегува со триумфот над Цедевита Олимпија во АБА-лига, пораз од Гостивар на гости, додека пак на другата страна најтрофејниот кошаркарски колектив оваа година влезе со два порази во низа.

Избраниците на Драган Николиќ по доброто издание во саботата ја вратија самодовербата, веднаш по мечот порачаа дека нивната цел е само една – да се победи противникот и да се вратат на врвот на табелата, кој во овој момент му припаѓа на Пелистер.

Работнички пак остана на седумте победи кои ги нанижа по лошиот старт на сезоната, се наоѓа на седмата позиција на табелата.

Кога станува збор за досегашните пресметки во водство и натаму се „црвено-белите“, имаат 91 победа, додека МЗТ Скопје 68. Сепак во последните години доминираат „сино-белите“, тие ги имаат одбие последните четири средби, последен пат Работнички славел во април 2021 година.

На крајот бројките ништо не значат кога станува збор за вечната градска пресметка, победува мотивацијата, инспирацијата, оној тим кој ќе се бори жестоко на теренот.

„Очекувам добар меч, знам што значи ова дерби во Македонија. Го имаат Малешевиќ, кого добро го знам, имаат коректни домашни играчи, имаат и млади сили. Тие ќе бидат повеќе одморени од нас, играат само домашно првенство.

Не можеш да прогнозираш на вакви натпревари. Се надевам дека ние на теренот, но и оние кои ќе дојдат ќе направат одлична атмосфера“, рече Драган Николиќ, тренерот на МЗТ Скопје.

Дуелот меѓу МЗТ Скопје и Работнички, кој е последен од 14. коло е закажан со почеток во 20 часот.

ПретходноЈован Манев: Тотален хаос, среќа наша се најдовме во Истанбул….
СледноНикој не се пријави: КФСМ пак ќе го организира Купот на Македонија