Брињоне до првиот златен медал на СП, Шифрин промаши капија пред целта

132

Италијанската скијачка Федерика Брињоне денеска освои златен медал на Светското првенство во алпска комбинација на Светското првенство што се одржува во францускиот Мерибел. Брињоне беше најбрза во супервелеслаломот, а потоа ја сочува предноста во слаломот и со вкупно 1:57,47 минути стигна до својот прв златен медал на СП (втор севкупно, има и едно сребро од 2011 во Гармиш).

Сребрен медал освои двојната светска шампионска во алпска комбинација од 2017 и 2019, Швајцарката Венди Холендер која заостана зад победникот 1,62 секунди.

До бронза и воедно и прв медал во кариерата стигна Рикарда Хазер од Австрија.

Освојувачката на златен медал од минатото СП, Американката Микаела Шифрин не оствари пласман затоа што во слаломот ја промаши третата капија пред целта. Шифрин беше главен фаворит за златото во оваа дисциплина, па сега останува на вкупно 11 освоени медали на СП.

Утре на програмата е супервелеслаломот во машка конкуренција и ќе се вози во Куршевел.

ПретходноСилекс водеше со 2:0, па ремизираше со Сутјеска
СледноМиовски во тимот на колото во шкотската Премиер лига