Пишува: Зоран Ѓоршоски
Иако се очекуваше, со оглед на болеста со која се мачеше долги години, сепак кога првата вест во денот ти е дека починал Чиро Блажевиќ, тогаш навистина не ти е пријатно.
Го нема веќе „ТРЕНЕРОТ НА ТРЕНЕРИТЕ“. Балканот, оној фудбалскиот тагува, а посебно Хрватска и неговата БиХ каде што беше роден.
Веројатно најпочитуваниот и најсакан тренер на овие простори за нас новинарите, зошто секој разговор со него, секое интервју, беше шоу.
Во повеќе наврати беше контактиран за тоа дали сака и може да биде селектор на Македонија, но најголем впечаток ми остави во јуни 1999 година во хотел “Континентал“ во Скопје, кога како селектор на третата светска сила во светот, направи потег за паметење.
Сакавме за тогашниот “Македонски спорт“ да направиме интервју со Ѕвоне Бобан, но имаше некој проблем. Дојде тогаш Чиро и кога му кажавме што сакаме, прво не прегрна како да сме негови родени синови и буквално ни рече:
„Вие седнете си онаму, а Ѕвоне ќе дојде за две минути“. Бобан дојде и интервјуто беше направено. Кога излегувавме од хотелот не поздрави и напомена дека секоја чест за Бобан, Шукер, Бокшиќ и сите мега – ѕвезди кои беа во Скопје тогаш, сепак тој е газда и онака шеретски спомна како што само тој знаеше:
„Сине мој, кој го е*е Бобан, јас сум Чиро“…
Престојот во Скопје нема да го памети по убаво зошто утредента Христов во 81.минута израмни за конечни 1:1 меѓу Македонија и Хрватска во меч од квалификациите за ЕП 2000.
Е така Чиро знаеше да ги “купи“ сите оние кои беа околу него.
Дека беше екстравагантен и тоа како, доказ е тоа шоу што го правеше во осумдесетиите години од минатиот век во екс – СФРЈ. Имаше и поквалитетни тренери од него, како Ивиќ на пример, но Чиро беше народски човек, затоа беше сакан и респектиран. Од некој си таму Травник до бронза во светот.
Од чистач до селектор, шампион, фудбалер, до човек за кого денеска цел фудбалски Балкан тагува.
Тој во таа 1998 година на СП во Франција на Хрватска и ја донесе бронзата. Да, вистина е дека знаеше да “кокетира“ по малку и со национализмот, но само кога беше неопходно, кога тоа му требаше на Динамо како во таа легендарна сезона 1981/82 кога токму Чиро по цели 24 години пауза ја донесе титулата на “Максимир“ во екс – СФРЈ.
И на крај. Ако се сеќавате Чиро Блажевиќ во таа 1986 беше тренер на Приштина. Неколку месеци беше Царот на Приштина од нејзините златни денови. Знаеше фановите да ги дигне во транс, знаеше како треба.
Човекот со белиот шал, ете тоа беше Чиро кога пред 30.000 фанови на стадионот во Приштина ќе излезеше на терен поздравувајќи ги насмеан, онака шеретски.
Има да се пишува за Чиро со денови и денови, но за мене ова беа највпечатливи моменти по кои јас ќе го паметам.
Почивај во мир…ЧИРО.