МЗТ Скопје утре му гостува на Морнар во рамките на 19. коло во АБА-лига. Ова е битка за опстанок во јадранското натпреварување не само за актуелниот македонски првак, туку и за црногорскиот тим.
Противникот има една победа повеќе од избраниците на Драган Николиќ, пораз ќе значи чекор назад. На другата страна пак кошаркарите на МЗТ Скопје во минатото коло со триумфот над Цедевита Олимпија испратија порака дека лесно нема да се откажат од остварувањето на својот сон, прикажаа одлична игра која беше доволна да ги разбудат во Морнар.
Раководството на овој клуб одлучи да ги отвори вратите за пресметката со „сино-белите“, влезот е бесплатен, а пораката е јасна – само со полни трибини можат да се надеваат на триумф.
Ова пак не ги плаши играчите на МЗТ Скопје, зад себе имаат две важни победа, една во АБА-лига и една против Работнички, па со голема самодоверба денеска ќе патуваат за Бар. Мечот се игра утре со почеток во 18 часот.