Женската сениорска кошаркарска репрезентација на Македонија вечерва го игра петтиот натпревар од квалификациите за Евробаскетот 2023 година во Израел и во Словенија. Во 20 часот во салата „Сабит Хаџиќ“ во Сараево, нашите кошаркарки за противник ја имаат селекцијата на БиХ
По четири одиграни натпревари селекцијата која ја предводи селекторот Александар Ашаданов е без победа. Босанките беа подобри од нас и на ланскиот дуел одигран во СРЦ „Кале“ (64:80), во кој доминираше една од најдобрите кошаркарки во светот, Џенкиел Џонс.
Но вечерва во Сараево ќе биде сосема поинаку, Џонс нема да биде во тимот на БиХ, но и во нашите редови нема да биде ниту Девана Бонер, ниту пак нејзината „наследничка“ Мерит Хемпе.
„Нè очекуваат два меча против БиХ во Сараево и дома со една од најсилните репрезентации Белгија. Исто како и на претходните два прозорци, немавме среќа со здравствениот билтен, неколку играчи ни се повредија и нема да може да сметаме на нив. Имаме недостатоци со Мерит Хемпе, Матеја Николиќ и Илина Селцова кои имаат повреди на колената, односно лигаменти и менискус, така што ќе се соочиме со голем проблем. Овие мечеви ќе бидат доста тешки, знаеме со каков квалитет располагаат и Белгијките и Босанките, но што е, тука е, ние ќе се подготвиме добро со желба да се покажеме подобро од претходниот ‘прозорец’. Наша цел е да имаме една победа во овие три ‘прозорци,’ нормално, сите повреди кои ги имаме нè оддалечија од тоа. Шансата ја гледаме со БиХ таму која е без натурализираната кошаркарка, а неколку имиња, две три репрезентативки се пензионираа“- вели селекторот Ашаданов пред вечерашниот дуел.
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕВРОБАСКЕТ 2023
ГРУПА А
ДВОЈКИ 5. КОЛО
ДЕНЕСКА:
19.00: Германија – Белгија
20.00: БиХ – МАКЕДОНИЈА