Женската кошаркарска репрезентација на Македонија синоќа направи подвиг на гостувањето во Босна и извојува победа од 66:68. На тој начин го прекинаа постот по десет години во кои немавме победа на официјален меч. Овој квалификациски дуел, и победа за нас значат многу, а за овие девојки мотив повеќе за понатамошните настапи.
„Навистина во овој момент немам зборови за да ја изразам својата радост. Пресреќна сум, пред се затоа што го оставивме срцето на теренот, и им докажавме на сите дека оваа репрезентација има квалитети, и дека може да се носи и со репрезентации кои играат на светско ниво.
Сакам да им честитам на сите девојки, за борбата и за фокусот кој го имаа во сите 40 минути од овој натпревар. Стручниот штаб веруваше во нас од самиот почеток, и на крајот сето тоа се исплатеше со голема победа. Најдраго ми е што оваа победа ја остваривме без странец во екипата. И докажавме дека и ние Македонките имаме квалитет.
Само сакам да додадам, дека тука не застануваме, одиме понатаму… Допрва доаѓаат помладите кои исто така покажаа дека заслуѓено се во репрезентацијата“– истакна Анџелика Митрашиновиќ по завршувањето на средбата во Сараево синоќа.