Некогаш најголемиот талент на Манчестер Јунајтед, Мејсон Гринвуд, разговараше со менаџерот на клубот Ерик тен Хејг откако беше ослободен од обвиненијата за силување.
Гринвуд помина една година во притвор и ја прекина кариерата откако неговата поранешна девојка го обвини за сексуален напад, злоупотреба и обид за силување.
Нешто повеќе од една година по обвинението, сите обвиненија беа отфрлени и Гринвуд е ослободен. Сепак, се уште ништо не се знае кога е во прашање продолжението на неговата фудбалска кариера.
Гринвуд (21) моментално е под клупска истрага. Манчестер Јунајтед официјално објави дека ќе спроведе внатрешна истрага и ќе одлучи што е најдобро за сите страни.
Во меѓувреме интересна вест објавија британските медиуми. Имено, женската секција на Манчестер Јунајтед не е задоволна од тоа што Гринвуд би можел да се врати во клубот, па најавија и своевиден протест бидејќи сметаат дека тој не заслужува нова шанса.