Симиќ спаси пораз на Тиквеш од Алкалоид!

377

Дербито на првото коло во плеј-офот во Кавадарци заврши без победник, Симиќ го спаси Тиквеш од пораз, со гол во самиот финиш се избори за 31-31. Алкалоид на другата страна имаше шанса да дојде до победа, но направи недозволиви грешки во самиот финиш.

И двата тима влегоа мотивирано, домаќинот постојано имаше водство, благодарение на расположениот Велков кој имаше седум одбрани. Поведоа со 6-3 во 10 минута. Алкалоид се доближи на 6-5, но Тиквеш брзо се врати на 8-5. Нешто подоцна Димовски и Кондев зголемија на највисоки 15-11. Од овој момент, гостите со серија од 5-1 израмнија на 16-16 на одморот.

Ѓоргиев на стартот на второто полувреме го донесе првото водство на мечот 16-17. Избраниците на Кирил Лазаров во 38. минута поведоа со највисоки 18-21 во овој дел од мечот, но набрзина направија неколку грешки, па противникот се доближи на 20-21. Лазаров повика тајм-аут, Митев одговори за 20-22, но неговите момци не искористија два напади, Велков беше несовладлив.

На средината на вториот дел, по ударот на Петковски во главата на Велков, Алкалоид имаше три исклучувања, додека на другата страна имаше две, па домаќинот израмни на 22-22. Но, гостите се снајдоа и постигнаа два гола за 22-24, но следеше ново изедначување, Симиќ од седум метри ја врати неизвесноста 24-24.

Следеше игра гол за гол, после 27-27, голманите влегоа во серија, Галевски и Трајковски кај Алкалоид, Велков на другата страна. Џонов со два гола зголеми на 27-29 во 58. минута. И кога веќе се чинеше дека гостите го имаат мечот следеше шок, при два гола предност 29-31, Тиквеш ги искористи грешките, а Симиќ на десет секунди откако противникот изгуби топка израмни на 31-31. Ремито е можеби е најправеден исход.

Џонов имаше шест гола, Ѓоргиев и Митев запишаа по пет, Трајковски запиша 10 одбрани. На другата страна Велков запиша 14 одбрани, Симиќ девет гола.

ПретходноДебито на врвот утре, вредни победи за Работнички и Македонија Џио
СледноВо ПСЖ врие пред дуелот со Баерн: Маркињос и Нејмар ќе се степале по мечот со Монако?!